Во просториите на GreenHUB4IDEA на 13.03.2026 год успешно се одржа работилница посветена на циркуларната економија, на која присуствуваа ученици од средните училишта во Струмица. Работилницата е дел од серијата едукативни активности кои имаат за цел да ги подготват младите за претстојниот натпревар за зелени бизнис идеи.

За време на работилницата, учесниците имаа можност да се запознаат со концептот на циркуларната економија и неговото значење за одржливиот развој на локалната заедница. Преку интерактивна дискусија и практични примери, младите истражуваа како отпадните ресурси можат да се претворат во нови производи или услуги и како иновативните решенија можат да придонесат за намалување на отпадот и поефикасно користење на ресурсите.

Посебен акцент беше ставен на можностите што циркуларната економија ги нуди за развој на иновативни и одржливи бизнис идеи, особено во општини со силен земјоделски потенцијал како Струмица.

Со стекнатите знаења и идеи, учениците ќе продолжат да работат на развој на сопствени зелени бизнис концепти, кои ќе ги претстават на претстојниот натпревар за зелени бизнис идеи организиран во рамки на проектот.

GreenHUB4IDEA продолжува да создава простор каде младите можат да учат, да експериментираат и да ги развиваат своите идеи во насока на зелена економија, иновации и социјално претприемништво.

Проектот е дел од: ‘RAISE CSOs – Резилиентни и инклузивни патеки за социјално претприемништво за младите преку градење капацитети на локални граѓански организации во Македонија’, имплементиран од Младински Сојуз – Крушево, во соработка со Центар за истражувања и анализи „НОВУС“ и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, со поддршка на ЕУ за граѓанското општество и медиумските организации во Македонија – ИПА програма за граѓанско општество 2022–2023.

Tags:

Leave a comment